SR EN

Reakcija rektora UKIM-a

Objavljeno: 13. 08. 2019.

Официјалното соопштение на Државната комисија за спречување на корупцијата изнесено на прес-конференцијата одржана на 12. 8. 2019 година во врска со моето вршење на должноста, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, го примив со неверување.

Сè до финалната правна разрешница на неиздржаната инсинуација со која се прави обид да се наруши мојата чест и авторитет како ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и редовен професор на Медицинскиот факултет во областа на дигестивната хирургија, дозволете ми повторно да го изразам моето неверување и да поставам отворено прашање согласно кој член од кој пропис (Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси) и бројните законски и подзаконски акти кои ја регулираат работата и дејноста на УКИМ, ДКСК ја детектирала корупцијата, согласно кој член од кои прописи го утврдила судирот на интереси, или согласно кој член од кој пропис земањето плата и функционален додаток на плата кој не е плата претставува корупција или судир на интереси? 

Ја користам оваа пригода на јавноста да го соопштам следново: 

1. Ректорот за да може да биде ректор најпрвин треба да биде професор. За да биде професор на Медицинскиот факултет треба да има двоен работен однос на соодветната клиника и на Медицинскиот факултет. Ова е регулирано со Законот за здравствената заштита, Законот за високото образование, Анексот на Колективниот договор (Службен весник на Република Македонија бр. 33/2011), Спогодба помеѓу Медицинскиот факултет и Клиниката за дигестивна хирургија од 21.4.2009 година, и Договорот со Сенатот на УКИМ од 2016 година. Сите професори по клиничките предмети на Медицинскиот факултет имаат двоен работен однос.

2. Професорите на клиничките предмети согласно наведените прописи земаат една плата од два работодавци, од Медицинскиот факултет и од соодветната клиника. Тоа што ректорот го прима од Ректоратот е само функционален додаток на плата додека ја врши функцијата ректор. Тоа не е плата. Вака било и за сите претходни ректори. На ниеден ректор до сега не му мирувал работниот однос како што бара ДКСК, бидејќи ректорот е раководна, а не избрана и именувана функција како државните функции. Сите ректори на јавните универзитети од Министерството за образование и наука добиваат буџетски средства како додаток (не плата) за вршење на ректорската функција.
И деканите земаат функционален додаток додека ја вршат функцијата декан.

3. Ректорот не може 30% да извршува здравствена дејност како што тврди ДКСК, доколку не е вработен во здравствена установа. Здравствената дејност е потребна за практична едукација на студентите. Со одземањето на здравствената дејност ректорот не може да биде ниту професор. Со ова ДКСК му ја одзема професорската дејност на ректорот што е во директна спротивност со Законот за здравствената заштита, Законот за високото образование и горенаведените подзаконски акти. Досега немало случај на ниеден универзитет ректорот истовремено да не е професор.

4. Неосновани и против уставни и против законски се и обвинувањата за непостоење на правилник кој “требало” да го донесе директорот на Клиниката за дигестивна хирургија кога постои Колективен договор за здравствената дејност врз основа на кој, по коефициенти, се врши исплатата на плати во здравствената дејност. 

Го задржувам моето право, по добивање на наодите на ДКСК во писмена форма, повторно да ја информирам јавноста.


Проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ

Dodajte komentar